Хрватскиот фудбалер Дејан Ловрен истакна дека неговата репрезентација нема што да загуби во полуфиналето на Светското првенство во Русија.

Хрватска се пласираше меѓу четирите најдобри во светот, а сега ако ја победи Англија има можност првпат да се најде во финале на Мундијал.

- Англија е еден од фаворитите за освојување на титулата и тоа мора да го почитуваме. Но, ние сакаме да играме против големи тимови. Тоа го покажавме против Аргентина и нема што да загубиме, наведе Ловрен.

Англија, која последен пат се пласираше во полуфинале во 1990 година, во своите редови го има најдобриот стрелец на турнирот Хари Кејн.

- Кејн е еден од најдобрите напаѓачи во Премиер лигата. Ги заслужува сите пофалби и сета доверба, која му се укажува. Во последните неколку сезони постигна многу голови и со право се смета за еден од најдобрите играчи во светот, истакна хрватскиот фудбалер.

Полуфиналниот натпревар меѓу Англија и Хрватска се игра утре од 20 часот во Москва.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/07/2018 00:17