Тимот на коцкестите според многумина досега е најпријатното изненадување на светското првенство во Русија. Иако на него се пласираа дури преку баражот во квалификациите, тие вечерва обезбедија пласман во големото финале на едно светско првенство.

Иако натпреварот го започнаа со рана негатива, откако Трипие го донесе во предност Гордиот Албион во петтата минута од натпреварот со фантастичен гол од слободен удар и кога после првите 45 минути Хрватите играа збунето и некоординирано со многу грешки, речиси и никој да не веруваше дека може да дојде до чудо.

Но во вториот дел, различната и многу подобра игра на Хрватите им овозможи изедначување во 68-тата минута преку голот на Перишиќ, за да до крајот на натпреварот целосно ја контролираат играта и да овозможат и шанси за целосен пресврт во регуларниот дел од натпреварот.

Сепак англичаните одолеаа на нападите на Коцкестите, па натпреварот отиде во дополнителни 30 минути. После првото продолжение и тактичката поставеност на двете репрезентации, се укажуваше на тоа дека за пласман во финалето ќе одлучува пенал рулетот.

Но за тоа да не се случи се погрижи Марио Манџукиќ кој со гол во 109-тата минута и донесе историска победа на својата репрезентација за пласман во големото финале на Светското првенство.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/07/2018 22:37