Претседателот на Меѓународната фудбалска федерација ФИФА, Џани Инфантино смета дека Светското првенство во Русија е најдобро организирано во историјата на мундијалите.
- И пред неколку години говорев дека ова ќе биде најдоброто Светско првенство досега. Денеска можам да го повторам тоа со многу поголема самодоверба... Ова е најдобриот Мундијал во историјата. Затоа сакам да им се заблагодарам на сите кои учествуваа во неговата организација, истакна Инфантино на прес-конференцијата во Москва.
Според првиот човек на ФИФА, Мундијалот ја сменил во целост сликата за Русија како земја.
- Светското првенство ја смени перцепцијата на светот за Русија, нагласи Инфантино.
Светското првенство во Русија завршува в недела со финалниот натпревар меѓу Франција и Хрватска, кој ќе се игра во Москва.