Капитенот на Хрватска Лука Модриќ беше движечката сила на тимот на патот кон големото финале на Мундијалот 2018. И покрај поразот од Франција (2:4) во битката за титулата, фудбалерот на Реал Мадрид повторно се претстави неверојатно, а по натпреварот ја доби наградата за најдобар играч на шампионатот.
- Сама по себе оваа награда не може да го подобри моето расположение, бидејќи изгубивме. Се што сакав беше да ја освоиме титулата. Мислам дека немавме среќа. И сите во нашиот тим се на истото мислење. Бевме подобри од Французите, но, за жал, во фудбалот, не секогаш победува подобриот, рече Модриќ.
Тој смета дека вториот примен гол, кој дојде од пенал по преглед на ситуацијата со ВАР системот, бил клучниот момент во натпреварот.
- Бевме непријатно изненадени дека судијата одлучи да користи ВАР. И не само тоа, во целина имаше чудни судиски одлуки. Пред првиот гол на Французите воопшто не им се судеше прекршок. Се вративме во натпреварот и игравме навистина добар фудбал, но судијата досуди пенал за Франција. Таквите ситуации буквално ги убиваат тимовите, се пожали хрватската ѕвезда по мечот.