Традиционална акција во која досега 63 лица даруваа крв се одржа денеска во Домот на културата, во општина Илинден во пресрет на 2 Август, националниот празник на македонскиот народ и Денот на општината.
Од општината соопштија дека ова е досега најуспешна крводарителска акција во Илинден, а нејзиното значење е уште поголемо затоа што таа се одржува во летниот период кога поголемиот дел од граѓаните се на годишни одмори.
Од Црвениот крст на Република Македонија, во чија организација се реализираше акцијата, велат дека и во оваа по бројот на дарителите и собраните крвни единици рекордна крводарителска акција, жителите на општина Илинден ја покажаа хуманоста и солидарноста на дело, преку дарувањето на крв да спасат нечиј живот.