На источната фасада од Музејот на Град Скопје претпладнево почна поставувањето на новите букви од познатата реченица што Јосип Броз Тито ја кажал ден по катастрофалниот земјотрес во Скопје.

„Скопје доживеа невидена катастрофа, но Скопје повторно ќе го изградиме со помошта на целата заедница. Тоа ќе стане гордост и симбол на братството и единството, на југословенската и светската солидарност. Тито Скопје, 27 јули 1963 година“.

Направени се од тврдо пресуван стиропор и ја имаат првобитната жолто-златеста боја како и автентичните букви кои на објектот на Старата железничка станица стоеја од 1974 до 2001 година.

Ги изработи кумановската компанија „Фрагмат“. Избран е посовремен фонт, а висината им е помала од првобитните затоа што по реконструкцијата на ѕидот пред осум години просторот е помал.

Натписот што сведочеше за изјавата на преседателот на СФРЈ и претходеше на светската солидарност во реизградбата на разурнатиот град, беше отстранет во 2001 година.

Изјавата на Тито се читаше во наредните скоро десет години од лепакот што остана на ѕидот, а сосема ја снема откако тој беше реконструиран во 2010 година.

Свеченото откривање на натписот ќе биде во рамки на одбележувањето 55 години од скопскиот земјотрес, кое Музејот на Град Скопје го организира под покровителство на Град Скопје.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/07/2018 12:13