Претседателот на Независниот синдикат на камионските транспортери на Македонија-НСКТМ МАКАМТРАНС Страшо Јованов тврди дека од Јавното сообраќајно претпријатие Скопје има одлив на 500 до 600 возачи, но таа бројка менаџментот на претпријатието ја демантира, и велат дека заминале 20-ина.
- Колку што имам контакт со нивните синдикални претставници се работи за бројка од околу 600 луѓе што не е мал број во однос на 1.500 до 2.000 возачи. Тоа е една третина и сега возачите се задолжуваат да работат и подолго од нивното вообичаено работно време, изјави денеска Јованов, во одговор на новинарско прашање да прецизира колку возачи се заминати.
Како што рече Јованов, возачи од градски соообраќај во Скопје ги напуштиле работните места за да одат да работат во Малта, а имале големи привилегии и во другите европски држави. Не е чудно што повторно почнува бранот за одење на работа во странство зарадаи тоа што саатнината кај нас од сите занимања во просек е 35 до 38 денари, што е смешно ако знаеме дека во Норвешка работен час на најминималната работна сложеност е 47 евра, рече Јованов.
Како што изјави за МИА техничкиот директор на ЈСП Скопје Васил Толевски, податоците на Јованов се дезинформација, а ЈСП, како што вели, нема ниту вкупно 600 возачи.
- Во минатиот период 20-ина возачи го напуштија ЈСП „Скопје“. Тоа беше ситуацијата кога заминаа за Малта, но по извесен период пет-шест ни се вратија оттаму, рече Толевски.
Во ЈСП Скопје, дополнува, има 500 до 600 возачи, постојано некои доаѓаат или си одат, некои не се задоволни, не сакаат одредени линии. Немаме никаков проблем со возачите и секогаш имаме на лагер. Имаме прием, нормално кај нас и во пензија кога си одат ги надополнуваме, појаснува Толевски.
Според него, возењето автобус во Скопје е исклучително тешко, бидејќи возат и 40 километри надвор од градската средина, при што се изложени и на чести напади. Платата им се движи од 20.000 до 26.000 денари зависно од позицијата и времетраењето на работниот однос.
На прес-конференцијата на Јованов, со тврдења за одлив на кадри од градежниот рударскиот, но и од полицискиот сектор, излезе и Атанас Трајковски, претседател на Независниот синдикат на градежни работници, инжинери и трговци во градежништвото-НС ГРИТГ.
Трајковски побара покрај доуредување на бенифицираниот стаж за рударите за што има иницијатива, бенфиции да добијат и градежните работници од потешките струки во градежништвото, како ракувачите на градежни машини, кранисти, возачи на тешки товарни возила...
- Градежните работниции работат во несоодветни услови, на високи и ниски температури, со прашина. Апелираме Владата и Министерството за труд и социјална политика да почнат да ги решаваат овие проблеми затоа што имаме информации дека умираат градежни работници на 60 години, изјави Трајковски