Со изложба на уметнички дела на новинарот, публицистот, екологистот и ликовниот уметник Свето Стефановски вечерва во познатото туристичко место Трпејца на источниот брег на Охридското Езеро на свечен начин ќе биде отворено седмото издание на Културно – забавното лето „На зајдисонце“.
Во текот на престојните девет дена колку што трае манифестацијата, во Трпејца ќе бидат организирани бројни културно-забавни настани, наменети за сите генерации посетители што летуваат на тој дел од езерското крајбрежје.
Во делот културни содржини предвидени се традиционалната Променада со кајче на младите уметници од Музичкото училиште „Методи Патче“ од Охрид, театарската работилница „Театар на отворено“ со актерката Марија Новак , поетската вечер „Поетите за езерото и водата“ со Марина Димовска, филмската вечер на која ќе биде прикажан документарецот „Од Трпејца преку Св. Заум до Св. Наум“ на авторот Томе Љушев – Шпанец и целовечерните концерти на ансамблот „Билјана“, КУД „Фолклористи“ од селото Лескоец и градскиот хор „VOX LICHNIDOS“ од Охрид под диригентската палка на Бурим Хидри.
Од едукативните настани на културно – забавното лето „На зајдисонце“ во Трпејца вреди да се споменат дружбата на домаќините од здружението „За Трпејца со љубов“ со гостите од здружението „Интелектуална жена“ од Поградец, Албанија, едукативни предавања, Традиционални учесници на манифестацијата се и невладината „Опција“, чии активисти ќе одржат едукативно предавање за болестите на зависност и полно0преносливите болести. Под мотото „И ние можеме“ ќе се претстават и учениците од Подрачното училиште во Трпејца, кои ќе презентираат како мала средина како Трпејца може да контактира со светот преку учество на меѓународни проекти.
Во спортско – забавниот дел се задржани веќе стандардните настани како школата за цртање со уметникот Слободан Пупиноски, школата за шах и турнирот во шах во организација на клубот „Ласкер“ од Охрид, натпреварот во фаќање риба на јадица, кајакарската регата „Номче Митрески“ и годинава за првпат мал пливачки маратон како замена за школата за пливање.
Туристите заедно со домаќините последниот ден од манифестацијата ќе имаат заеднички излет по стариот турски пат што ја поврзувал Трпејца со Свети Наум.
Сите приредби и настани на културно – забавното лето „На зајдисонце“ во Трпејца се одржуваат на отворена сцена крај и во езерото и се бесплатни, а во нив можат да учествуваат сите заинтересирани.