Министерството за надворешни работи на Косово изрази вознемиреност поради информациите кои ги објавија, како што нагласува, кредибилни меѓународни организации, како Амнести интернешенел (АИ), дека Србија продава оружје на терористички организации, пред се во Африка, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во денешното соопштение на косовското МНР се наведува дека треба да се проверат индициите дека оружје произведено во Србија се користи „во некои африкански држави, кои систематски ги кршат човековите права, па и од борците на терористичката организација Боко Харам“.
- Министерството за надворешни работи ја повикува меѓународната заедница да ја зајакне контролата, верификацијата и надзорот врз таквото однесување и дејствија на српската држава на африканскиот континент, кои индиректно придонесуваат за злоупотреба на основните човекови права и претставуваат сериозна опасност за мирот и безбедноста, се вели во соопштението.
Белград, според косовското МНР, нелегалната трговија со оружје ја користи главно во дипломатската војна против признавањето на косовската независност.
- МНР смета дека објавувањето на таквите докази (од страна на АИ) го јакнее убедувањето дека Србија ја користела и продолжува да ја користи продажбата на оружје како дипломатско средство за да ги наведе државите од африканскиот континент кои се уште ја немаат признаено Република Косово, да не преземат таков чекор во иднина, се наведува во соопштението на косовското МНР.