Во знак на солидарност кон палестинскиот народ, како што самите објавија на анархистички сајт, членови на „Рубикон“ со боја нападнаа една од зградите на Министерството за надворешни работи на Грција во центарот на Атина.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, околу 18.30 часот по локално време, група од околу 10 членови на анархистичката група фрлија боја врз објектот, предизвикаа материјална штета на неколку прозорци и фрлија флаери, а неофицијално, според грчките медиуми едно лице било приведено.

Зградата на грчкото МНР се наоѓа во строгиот центар на Атина, веднаш наспроти грчкиот Парламент, а во близина на Амбасадата на Франција, дел од грчката престолнина што важи за добро обезбедуван и под постојано присуство на полиција .

Ова е втор напад на „Рубикон“ за помалку од 20 часа. Околу 5 часот утрово, членови на анархистичката група ги скршија прозорците на објектот на даночната служба во северниот дел на Атина, што се наоѓа во близина на амбасадата на Израел.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/07/2018 01:47