Државниот министер надлежен за Европа во германското Министерство за надворешни работи Михаел Рот денеска од Тирана упати апел до албанските политичари да ја превземат одговорноста која им припаѓа и да не го попречуваат членството во ЕУ.
Рот по средбата со неговиот домаќин министерот Дитмир Бушати, посочи дека во Албанија престојува за да и честита на земјата за успехот, нагласувајќи дека таа е на добар пат кон ЕУ.
- Убеден сум дека Албанија ќе продолжи по патот на реформи да созаде солиден правен систем и неазвисно правосудство, изјави Рот.
Тој посебно го поздрави текот на процесот на прочистување на правосудните институции и полицијата во Албанија, од корумпирани лица или лица кои биле или се дел од криминални структури, популарно наречен „ветинг“. Според него битно е да се подигне свеста кај политичките актери во Албанија за овој процес.
- Со „ветингот“ Албанија изодува пат каков што не изминала ни една земја во регионот. Проверката е тежок процес, мора да има голема свест од опозицијата и од владата.Податокот дека до сега дури 14 судии и обвинители се отстранети од системот потврдува дека луѓето сфатиле оти Владата е сериозна во напорите за создавање независен правсуден систем, рече Рот, нагласувајќи дека политичарите треба да ги преземат своите одговорности и да не ја попречуваат интеграцијата.
Бушати, на заедничката прес-конференција со Рот изјави дека Албанија прави сигурни чекори кон интеграцијата во ЕУ.
- Колку повеќе чекори ќе направиме кон ЕУ, толку посигурен станува процесот. На внатрешниот план мораме да напредуваме со реформите, рече Бушати.
Во врска со прашањето за нелегалните мигранти и подигањето бегалски кампови во Албанија, Рот рече дека ова прашање нема никаква поврзаност со интеграцијата на земјата во ЕУ и оти нема никаков услов од ваква природа.
- Заинтересирани сме сите страни да најдеме заедничко паневропско решение за мигрантите и азилантите. Основата во изнаоѓањето на овие решенија ќе бидат вредности кои не обединуваат, солидарноста и хуманоста и во тој контекст Албанија и Македонија се добредојдени да дадат свој придонес. Сакам да кажам дека прашањето за интеграција нема никаква врска со оваа проблематика, рече Рот.
Рот, кој во Тирана допатува доцна попладнево ќе се сретне и со премиерот Еди Рама, со раководството на Регионалната канцеларија за младинска соработка за Западен Балкан, како и со претставници на опозицијата и граѓанското општество, а утре доаѓа во посета на Македонија.