Ниту една од косовските опозициски партии не се одзва на повикот на лидерот на Демократската партија на Косово (ПДК) и претседател на косовското Собрание, Кадри Весели за средба со цел постигнување консензус за дијалогот со Србија. Состанокот се одржа само со претставници на партиите од владејачката коалиција, јави дописникот на МИА од Приштина.

Весели, по состанокот, во изјава на новинарите, го нагласи значењето на внатрешниот консензус за финализирањето на преговорите со Србија и порача дека седнувањето на иста маса со српските претставници не е привилегија, туку жртва.

- Потребата од размислување, потребата од акумулирање на еден политички став, макар тоа било за популистички цели, е легитимна за опозицијата. Со Србија да седнеш денес не е привилегија, туку е жртва, а истовремено и одговорност. Постигнувањето мир за нашите деца е сечија одговорност. Пораката што денеска требаше да ја пратиме ќе беше дека сите заедно имаме консензус, изјави Весели.

Тој рече дека дел од опозицијата прифатила да учествува во дијалогот и нагласи дека е уверен дека, сепак, ќе се постигне целосно единство во овој процес.

- Став на партиите кои учествуваа на состанокот е дека ќе учествуваат во дијалогот и ќе се постават линиите: Територијата и интгергритетот на Косово се неповредливи, рече Весели.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/07/2018 12:11