Косовскиот министер за надворешни работи, Беџет Пацоли тврди дека дипломатски центри на Србија во светот нудат оружје на одредени „далечни држави“, со цел лобирање против независноста на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Пацоли, по денешната средба со премиерот Рамуш Харадинај, посветена на предизвиците на Косово на дипломатски план и на новите признавања на независноста, рече дека ги знае имињата на тие држави, но нема да ги соопшти јавно.

- Имаме податоци дека од лобирачки бази на српската дипломатија се нуди компензирање со оружје. Вчера се потврди мојата загриженост, изјави Пацоли на денешната прес-конференција.

Шефот на косовската дипломатија своето тврдење го заснова на вчерашното соопштение на Амнести Интернешенел (АИ) дека оружје произведено во Србија се користи од властите во Камерун, со што, според АИ, се помага „систематското кршење на основните човекови права“ од тамошниот режим.

Пацоли изјави дека косовската дипломатија бара начини како да се спротивстави на „иницијативата преземена од Србија за лобирање на еден див начин“ против Косово.

- Не сме обесхрабрени, бидејќи е наше право да чекориме напред без да потпаднеме под влијание на ваквите дејствија. Ги имам имињата на некои држави, но заради дискреција ќе ги задржиме овие информации за себе, рече Пацоли по состанокот со премиерот Харадинај.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/07/2018 16:17