И покрај напорите на грчките пожарникари, силниот ветер со голема брзина го прошири огнот и голем број куќи и автомобили изгореа, дел целосно, дел претрпеа материјална штета.

Сепак, официјално, се уште нема информации за големината на материјалната штета.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, генералниот секретар за цивилна заштита, за грчката новинска агенција АНА-МПА изјави дека денешниот пожар ги има карактеристиките на големите пожари од 2007 година, но со пониски температури.

- Станува збор за еден од најтешките пожари, бидејќи силниот ветер во комбинација со густиот запалив материјал придонесуваат за брзо ширење на огнот. Се прават силни напори за ублажување на последиците, но правецот на ветерот го прошири пожарот и ја отежнува работата на пожарникарите, истакна генералниот секретар за цивилна заштита, Јанис Капакис.

Претходно, жителите на најмалку три мали населби се евакуирани поради големиот пожар. Поради неповолните услови за возење и густиот чад, грчката полиција одлучи да го запре сообраќајот на автопатот што ги поврзува Атина и Коринт, во делот што е во близина на огнената стихија.

Пожарот изби во шумски дел, но брзо се прошири и кон населбите, а според медиумите во Грција, се упатува апел до жителите на уште најмалку една населба да ги напуштат своите домови.

Според информациите во грчките медиуми, активни се пет или шест жаришта распространети на растојание од шест километри.

Пожарот е во месноста Кинета во западниот дел на областа Атика во поширокиот регион на Атина. Станува збор за област во близина на морето и на автопатот.

Како што претходно објави МИА, противпожарната служба на Грција со 70 пожарникари и 30 возила, два хеликоптера и пет авиони се обидува да го стави пожарот под контрола.

Чадот од пожарот, поради ветрот се прошири речиси низ цела Атина, а го покри небото дури и во населбите што се на над 50 километри оддалеченост од пламените јазици.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/07/2018 16:59