Нов пожар изби попладнево во источниот дел на областа Атика во поширокиот регион на Атина, кој исто како и оној од претпладнево во западниот дел на истата област, се уште не е ставен под контрола.

Противпожарната служба на Грција со 70 пожарникари и 30 возила, два хеликоптера и пет авиони се обидува да го стави пожарот под контрола, а силниот ветер ја отежнува нивната работа.

Како што јави дописничката на МИА од Атина и во источниот дел на Атика, пожарот предизвика материјална штета врз куќи и автомобили, а според грчката телевизија Скај, без да бидат во опасност, но превентивно, се евакуираат детски кампови во близина на жариштето.

Претходно, генералниот секретар за цивилна заштита, за грчката новинска агенција АНА-МПА изјави дека денешниот пожар ги има карактеристиките на големите пожари од 2007 година, но со пониски температури.

- Станува збор за еден од најтешките пожари, бидејќи силниот ветер во комбинација со густиот запалив материјал придонесуваат за брзо ширење на огнот. Се прават силни напори за ублажување на последиците, но правецот на ветерот го прошири пожарот и ја отежнува работата на пожарникарите, истакна генералниот секретар за цивилна заштита, Јанис Капакис.

Жителите на најмалку три мали населби се евакуирани поради големиот пожар. Поради неповолните услови за возење и густиот чад, грчката полиција одлучи да го запре сообраќајот на автопатот што ги поврзува Атина и Коринт, во делот што е во близина на огнената стихија.

Пожарот изби во шумски дел, но брзо се прошири и кон населбите, а според медиумите во Грција, се упатува апел до жителите на уште најмалку една населба да ги напуштат своите домови.

Според информациите во грчките медиуми, активни се пет или шест жаришта распространети на растојание од шест километри.

Пожарот е во месноста Кинета во западниот дел на областа Атика во поширокиот регион на Атина. Станува збор за област во близина на морето и на автопатот.

Чадот од пожарот, поради ветрот се прошири речиси низ цела Атина, а го покри небото дури и во населбите што се на над 50 километри оддалеченост од пламените јазици.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/07/2018 02:04