Српскиот министер без ресор задолжен за иновации и технолошки развој Ненад Поповиќ денеска во Москва се сретна со раководството на рускиот технолошки гигант „Касперски“, по што порача дека компанијата е заинтересирана да се прошири на пазарот во Србија.
„Касперски“, која се занимава со развој на софтвер за безбедност на податоците во кибер просторот, вработува 4.000 лица и опслужува повеќе од 400 милиони корисници во 200 земји низ светот. Таа е една од најголемите технолошки и иновациски компании не само во Русија, туку и во светот.
Поповиќ нагласи дека заштитата на безбедноста на кибер просторот, било да се тоа терористички закани или саботажи во индустријата, се област која денес има највисоко можно значење за економијата, но и за националната безбедност на една држава.
- Затоа доаѓањето на „Касперски“ во Србија ќе има големо значење, бидејќи покрај вработувањето на млади инженери, тие би имале можност да се запознаат со најдобрите руски експерти во оваа област. Тоа искуство ќе остане во Србија, која би можела да стане регионален центар за развој на софтвер во областа на кибер безбедноста, изјави Поповиќ.
Менаџментот на „Касперски“, потврдил дека наскоро ќе го посети Белград, каде ќе се сретне со претставници на државните институции, приватниот сектор и српските универзитети, со цел да се согледаат сите можности за доаѓањето на компанијата на српскиот пазар.