Претседателот на Република Српска, Милорад Додик предложи да биде преразгледан Извештајот на претходната Влада на српскиот ентитет во Босна и Херцеговина за настаните во Сребреница во 1995 година, со цел да биде намален бројот на официјално признатите жртви при масакрот во овој град за време на Босснската војна.
Во Извештајот на Владата на Република Српска од 2004 година се наведува дека во Сребренца биле убиени 8.700 лица.
Меѓутоа, според Додик, оваа бројка е преувеличена. - Во Хашкиот трибунал има неколку пресуди во кои се говори за 3.500 до 5.000 загинати, а во Извештајот се наведени 8.700, изјави Додик.
За барањето на Додик, Парламентот на Република Српска ќе заседава на 14 август.
Додик бара Извештајот да биде прогласен за неважечки, но според претседателот на Народното собрание на Република Српска, Недељко Чубриловиќ, Парламентот нема такви овластувања.
Противниците на Додик го обвинуваат дека го користи масакрот во Сребреница за политички маркетинг во пресрет на општите избори во БиХ закажани за 7 октомври.
На овие избори ќе се бираат членови на државниот Парламент на БиХ и на собранијата на двата босански ентитети - бошњачко-хрватската Федерација Босна и Херцеговина и Република Српска, како и членови на Претседателството на БиХ и претседател и потпретседатели на Република Српска.
Додик најави дека на изборите ќе се кандидира за српски член на Претседателството на БиХ.