Дијалогот што се води меѓу Белград и Приштина со посредство на Брисел, мора да води кон тоа Србија да го признае Косово како независна држава, се наведува во документот на американскиот Инстинтут „Исток-Запад“, што кон крајот на јуни му бил презентиран на српскиот државен врв, тврди белградскиот весник Данас.

Во документот насловен „Време за акција на Западен Балкан - препораки за американската дипломатија“, ссе наведува дека САД треба да ја охрабрат Европската унија да го обнови дијалогот меѓу Косово и Србија, со цел „да го запре неговото постепено прераснување во замрзнат конфликт“.

- САД треба да бидат подготвени да ги прифатат мерките за нормализација на односите за кои ќе се согласат двете страни, се вели во документот.

Во делот на документот за Косово се наведува дека „НАТО треба да работи со Косово за развивање на мали, лесно вооружени, одбранбени воени капацитети“.

- Процесот на создавање на овие сили треба да биде вклучен во дијалогот меѓу Косово и Србија, но исто така Србија во никој случај не треба да има право да стави вето на овој процес, се вели во препораката за американската дипломатија.

Во делот што се однесуваат на Србија, се нагласува дека САД треба „да ги обноват и зајакнат врските со Србија“ и дека на земјата треба да и се даде поддршка за членство во Европската Унија, со почитување на позицијата на Брисел дека нејзините нови членки треба да се усогласат со политика на ЕУ кон Русија.

Во текстот се потенцира и дека на Србија треба да и се предочи дека нема да влезе во ЕУ доколку не го признае Косово.

Соработката на Србија со НАТО треба да продолжи, со тоа што Алијансата треба да го охрабри Брисел да ги „ограничи своите безбедносни врски со Русија цо трговијата со оружје и обука“.

Во делот на анализата која се однесува на руското мешање, се наведува дека „САД и ЕУ треба да се спротивстават на мешањето на Русија со континуирана реафирмација на можноста за земјите од Западен Балкан да се приклучат кон ЕУ, НАТО или кон двете организации".

Исто така, спротивставувањето на руските медиумски манипулации треба да биде со објективни, алтернативни извори на информации и поддршка на независните медиуми, се оценува во документот.

Според авторите на извештајот, потребно е и подобрување на соработката во регионот преку напорите на НАТО и на ЕУ за промовирање на кибер безбедноста, како и објавување на анализи за тоа до кој степен другите извори на енергија, вклучувајќи го и американскиот природен течен гас (ТНГ), можат да бидат алтернатива на руските енергенси.

Директорот на Институтот „Исток-Запад“, Камерон Мантер за „Данас“ вели дека студијата е наменета за Администрацијата на САД, со цел за нејзино поголемо ангажирање на Балканот.

Тој смета дека американската Администрацијата е силно заинтересирана за Западниот Балкан и декаа и самиот претседател Доналд Трамп сака стабилен Балкан.

Институтот „Исток-Запад“ е една од највлијателните институции во областа на меѓународните односи и надворешната политика во светот.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/07/2018 17:03