Преку социјалните мрежи и преку грчките медиуми, граѓани во очај споделуваат фотографии од нивни роднини и пријатели кои што се исчезнати од вчера и бараат помош, а грчка компанија создаде интернет платформа за пронаоѓање на исчезнати лица.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, официјално не е познат бројот на исчезнати лица. Со оглед на тоа дека голем дел од пронајдените тела се јагленосани, тешко оди идентификацијата на жртвите, а со тоа не се знае дали лицата по кои се трага се живи или не.
Портпаролката на грчката противпожарна служба на прес конференцијата рано утрово, упати апел до граѓаните да го користат нивниот број за пријавување на исчезнати лица. Неофицијално, во противпожарната служба биле пријавени 35 исчезнати.
Грчка компанија за информатички услуги, за да им помогне на граѓаните, создаде интернет платформа, база на податоци со исчезнати лица, а секако станува збор за неофицијална иницијатива.
- Официјалната регистрација на исчезнатите ја прави противпожарната служба, компанијата „Audax Cybersecurity“ сакајќи да помогне во овие тешки моменти создаде отворена база за пребарување на исчезнати од смртоносните пожари, соопшти грчката компанија.
Податоците, се обновуваат постојано, а до 16.30 часот по локално време, во отворената база беа регистрирани 23 лица, меѓу кои и деца.
Претседателот на грчкиот црвен крст, Никос Икономопулос, во изјава за грчката телевизија Скај, рече дека од рано утрово нивните спасувачи заедно со пожарникарите, одат од врата на врата, од дом во дом, во зградите што беа зафатени од пожарот, за да проверат дали можеби има и други жртви.
Икономопулос вели дека биле проверени 115 домови и еден хотел, но за среќа не пронашле загинати.
Специјалната нуркачка единица на грчката војска, од рано утрово спроведе акција во морскиот дел за потрага по исчезнати или загинати лица.
Паралелно, Грците се организираат, пред сѐ, преку социјалните мрежи за собирање неопходни продукти за помош на погодените граѓани.