На 74 лица се искачи бројот на жртвите во пожарите во околината на Атина, додека пак повредени се 187 лица, од кои 23 деца, соопшти портпаролката на грчката противпожарна служба, јави дописничката на МИА од Атина.

- Последните официјални податоци се следните: бројот на загинати се се искачи на 74 лица. Вкупниот број на повредени е 164 возрасни лица и 23 деца. Истрагата за пронаоѓање на исчезнатите ја води група од 130 луѓе од армијата и противпожарната единица кои патролираат пеш во областите Вуца, Мати и Рафина, истакна портпаролката на грчката противпожарна служба, Ставрула Малири, на прес конференцијата одржана попладнево во Атина и додаде дека добиле десетици повици за исчезнати лица.

Паралелно, упати повик до граѓаните чии блиски се исчезнати да пријават на бројот на противпожарната служба, за да се одреди точниот број на лица на кои им се губи секаква трага.

Грчка компанија за информатички услуги, за да им помогне на граѓаните, создаде интернет платформа, база на податоци со исчезнати лица, а секако станува збор за неофицијална иницијатива.

- Официјалната регистрација на исчезнатите ја прави противпожарната служба, компанијата „Audax Cybersecurity“ сакајќи да помогне во овие тешки моменти создаде отворена база за пребарување на исчезнати од смртоносните пожари, соопшти грчката компанија.

Паралелно, Грците се организираат, пред се, преку социјалните мрежи за собирање неопходни продукти за помош на погодените граѓани.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/07/2018 17:13