Машката младинска репрезентација на Македонија убедливо ја совлада Швајцарија со 30:24 на ЕХФ шампионатот за ракометари до 20 години што се одржува во Скопје.
Избраниците на селекторот Данило Брестовац уште од почетокот на натпреварот успеаа да вопостават контрола над играта и во првото полувреме имаа постојано водство, а на паузата заминаа со солидна предност од 17:9.
И во вториот дел македонските ракометари ја имаа иницијативата на теренот и ја задржаа високата резултатската предност до крајот на натпреварот, иако Швајцарците во последните 15-тина минути се обидоа да ја намалат разликата.
Македонија со оваа победа има пет бодови и избива на првото место во групата Б, пред Швајцарија и Украина кои имаат по четири бодови.
Претходно, македонските ракометари остварија победа над Велика Британија и реми со Италија.