МЗТ Скопје Аеродром соопштија дека потпишале договор за една година со хрватскиот интернационалец Иве Иванов. Иванов (32 год, 200 см) е поранешен играч на Задар, каде што мина вкупно седум сезони во три наврати. Хрватот настапуваше и во дресот на Крка. Минатата сезона тој настапи на 21 средба во регионална АБА-лига во дресот на тимот од Задар и постигнуваше во просек 11,2 поени и 4,7 скока. Иванов е третото странско засилување за тимот од Аеродром ова лето по Американецот Лестер Медфорд и Србинот Андрија Бојиќ. Ангажиран беше и младиот Виктор Исајловски (17) и тоа со петгодишен договор.