Официјални лица на Меѓународната автомобилистичка федерација (ФИА) ќе ја посетат патеката „Асен“ во наредните недели, за да ја проверат трасата за евентуално домаќинство на Гран-При на Холандија во 2020 или 2021 година.

Посетата доаѓа откако претставниците на организацискиот одбор на трката се сретнаа со шефовите на Формула 1, „Либерти Медија“, за време на Гран-при на Германија минатата недела.

Претходно оваа година, тркачкиот директор на ФИА, Чарли Вајтинг, ја посети патеката во име на федерацијата и рече дека треба да се направат само неколку мали промени.

Од Меѓународната мотоциклистичка федерација, исто така, ќе испратат лице кое ќе процени дали промените се можни или патеката не е поволна за трки во Формула 1.

Ли Ван Дам, шеф на Организацискиот комитет, смета дека фактот што Меѓународната мотоциклистичка федерација е отворена за дијалог претставува добар знак.

- Тие можеа да речат дека не гледаат како би се одржала трка на „Асен“, но тие не го сторија тоа", изјави Ван Дам.

Интересот за Формула 1 во последниве години се зголеми во Холандија, благодарение на Макс Верстапен и неговото присуство на врвот на колоната.

Не е чудно денес да се гледаат трибините во „портокалово“ поради пилотот на Ред Бул.

Последен пат, Гран-При на Холандија во Формула 1 се одржа во Зандворт во 1985 година, а на трката победи Ники Лауда. Алан Прост беше втор, а подиумот го надополни Аиртон Сена.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/07/2018 15:56