Скопје со повеќе активности и манифестации одбележува 55 години од катастрофалниот земјотрес во 1963 година, во кој 1.070 луѓе го загубија животот, а 3.000 беа повредени.
Програмата насловена „Зборува Скопје“ во четири дена ја обедини ликовната, театарската, филмската и мултимедијалната уметност и граѓански активизам концептуално поврзан со земјотресот, но и со културната историја на метрополата. Одбележувањето почна во понеделникот, кога на источната страна на Музејот на Град Скопје беа откриени вратените букви од пораката на Јосип Броз Тито.
- Не е заборавена поддршката што пред 55 години нашиот град ја доби од целиот свет. Ова нека биде добра прилика да покажеме дека го сакаме нашиот град, неговата култура и уникатната урбаност која ќе ја негуваме во иднина, рече тогаш скопскиот градоначалник Петре Шилегов во Музејот на Град Скопје.
На пет различни локации низ главниот град изутринава во 5:17 часот се спроведе аудио-уметничка акција во траење од една минута „Разбуди се Скопје“, која требаше да ги потсети граѓаните на точното време на катастрофалниот скопски земјотрес од 26 јули 1963 година. Со акцијата беа опфатени Музејот на современа уметност, Музејот на Град Скопје, Градскиот трговски центар, Порта Влае, а едно озвучено возило се движеше по булеварот „Партизански одреди“. Организатор на акцијата е групата која ги прави урбаните уметнички акции низ Скопје и работи во рамки на Центарот за современи уметности.
Официјални делегации и претставници на институции денеска ќе положат цвеќе на Градските гробишта во Бутел, пред Споменикот на жртвите од катастрофалниот земјотрес. Традиционалната крводарителска акција ќе се спроведува од 9 до 17 часот во Музејот на Град Скопје. Организатори се Црвениот крст на Град Скопје и Музејот на Град Скопје.
Организацијата на жените на Град Скопје ќе одржи поетско читање „За Скопје кое го сакам“ во Музејот на Град Скопје, а Здружението на акцијашите од студентскиот дом „Стив Наумов“ ќе организира марш до Музејот на Скопје каде што во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Од братство и единство `63 до Скопје `63“.
Во Музејот на современа уметност ќе биде отворена изложба на дела од грчки автори. Во Младинскиот културен центар пак ќе има проекции на серијата „Досие Скопје“ и богата музичка програма.
Град Скопје ги повикува граѓаните да ги проследат настаните, да се потсетат на трагедијата која го разори нашиот град и заеднички да упатиме порака дека не сме ја заборавиле поддршката што пред 55 години ја добивме од целиот свет.
Катастрофалниот земјотрес се случи на 26 јули 1963 година во пет часот и 17 минити, а помали потреси имаше до пет часот и 43 минути. Скопскиот земјотрес се почувствува на простор од околу 50.000 квадратни километри. Од потресот беа урнати 15.800 станови, а оштетени беа 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над глава.
Од трагедијата на Скопје целиот свет беше возбуден и ангажиран. Меѓународниот Црвен крст упати апел до сите национални организации да организираат исхрана за скопските деца. Интерпарламентарната унија упати препорака до сите парламенти и влади да помогнат во обновата на градот. Хуманитарните организации во многу земји пристапија кон собирање помош за Скопје. Така Скопје стана град на меѓународна солидарност.
Обединетите нации веднаш по катастрофата презедоа активности за плански и долгорочно да му се помогне на разурнатиот град. Во времето кога екипи стручњаци на ОН почнаа да пристигнуваат во Скопје, во седиштето на меѓународната организација беше речено дека Скопје ќе биде споменик на човечката солидарност. На 23 септември 1963 година 35 земји побараа Генералното собрание да стави на дневен ред од своето заседание точка за преземање мерки по повод земјотресот во Скопје. По четири дена, на 27 септември, Генералното собрание и даде приоритет на меѓународната акција за давање помош на Скопје.
На 14 октомври, по двочасовна дискусија, Генералното собрание на Обединетите нации едногласно усвои Резолуција за давање помош на југословенската влада при реконструкцијата на Скопје. Во Резолуцијата се изразува жалење по повод големата катастрофа. Во дебатата за давање помош на Скопје, Генералното собрание го ислуша излагањето на претставници од над 20 земји од сите континенти. Тој ден остана во аналите на Обединетите нации како ден на Скопје.
Во својата долга историја, градот повеќе пати пропаѓал и одново се раѓал. На просторот меѓу селата Злокуќани и Бардовци постоел град Скупи, метропола на провинцијата Дарданија. Овој римски град во 518 година бил наполно разурнат од земјотрес. Тогаш во провинцијата Дарданија биле урнати 24 градски тврдини. Јачината на овој земјотрес изнесувала 10 - 11 степени. Катастрофалниот земјотрес наполно го уништил Скупи. За време на потресот биле создадени многу пукнатини во земјиштето. Од околните ридови се урнале големи маси карпи. Скопје потоа бил изграден на денешното место.
И новиот град не бил поштеден од сеизмички појави. Наредниот катастрофален земјотрес се случил во 1555 година. Неговата јачина изнесувала околу 10 степени, по што градот вторпат бил разурнат.
Последното трето големо катастрофално разурнување на Скопје се случи пред точно 54 години, утрината на 26 јули 1963 година во пет часот и 17 минути.