Винс Картер ќе продолжи да ги воодушевува навивачите на НБА барем за уште една сезона. Тој нема да се пензионира, овие свои намери подолго време ги најавуваше, сега ги потврди, откако си најде нов тим. Еден од најдобрите забивачи на сите времиња потпиша едногодишен договор со Атланта Хокс, а тоа ќе биде осма станица во неговата професионална кариера. Картер (198 см) ќе потпише договор вреден 2,4 милиони долари. Така тој ќе ја почне сезоната бр.21 во најсилната лига во светот, а досега помина низ Торонто, Њу Џерси, Орландо, Феникс, Далас, Мемфис и Сакраменто. Картер немал двоцифрени поединечни показатели во просек на натпревар од сезоната 2013/2014 година, но и покрај тоа останува вистинска атракција за љубителите на играта насекаде, а сите соиграчи исто го ценат високо. Винс е на 22. место во листата на најдобрите стрелци во историјата на НБА со 24.868 поени и има вистинска шанса да ги помине Џери Вест и Реџи Милер. По одиграни дуели, Картер е бр.19 и безбедно може да се искачи барем до бр.6. За вкупно 1.405 натпревари во Лигата тој има просек од 17,7 поени, 4,5 скокови и 3,3 асистенции. Во јануари оваа година ќе наполни 42, со што ќе стане седмиот најстар играч во историјата на НБА.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/07/2018 11:04