Лидерот на албанската опозициска Демократска партија, Љуљзим Баша упати критики до меѓународните претставници во Тирана, за, како што рече, нивниот молк, поради нефункционирањето на Уставниот суд и блокирањето на Врховниот суд, што довело до намалување на довербата кон нив од страна на јавноста.
- Меѓународните парнери треба да бидат загрижени поради недостигот на Уставен суд и блокирањето на Врховниот суд од страна на Еди Рама, со што отстранета е секаква контрола и ограничување на моќта на мнозинството и ги загрози човековите права во Албанија. Нивното молчење за оваа ситуација ја намали довербата кон нив во очите на албанската јавност, која очекува исполнување на ветувањето кое им го дадоа на Албанците, дека големите риби ќе бидат во затвор, а не на чело на Владата, оценува Баша.
Според него ветувањата правосудство без корупција и криминалците во затвор се само шега, а не правда.
Баша со критики и до лидерот на владејачките социјалисти и актуелен премиер Еди Рама, по неговата изјава во врска со текот на реформите во правсудството.
- Предлогот на Рама за измени на Законот за судии и обвинители, со кои во обвинителствата и судовите ќе бидат назначувани лица по избор на државната јавна обвинителка и на Високиот совет за правда ,чиј мандат е изминат, е во спротивност со Уставот. Во исто време, тоа е враќање назад кон старите институции пред започнатите реформи во оваа област. Ова се случува токму во време кога земјата нема Уставен суд, а целта е правосудството целосно да биде под контрола на Рама преку државната јавна обвинителка Арта Марку, обвинува Баша.
Уставниот суд не функционира подолг период, откако поголемиот број од деветте судии не го поминаа процесот на проверка на стекнатиот имот и поврзаност со криминалот, а таквите проверки не ги минаа и голем број судии и обвинители, поради што блокирана е и работата на Врховниот суд.