МЗТ Скопје Аеродром првите два натпревари од дебитантската сезона во АБА2 ќе ги игра на домашен терен и тоа против Хелиос и Борац Чачак.
Од регионалната лига соопштија дека празните места поради немањето втора екипа од Македонија и Хрватска се пополнети со тимови од Србија и Словенија и тоа Вршац и поранешниот АБА-лигаш Хелиос Домжале. Местото на Босна АСА, која во последен момент се откажа, е пополнето со Спарс, екипа која исто така доаѓа од Сараево. Останатите осум екипи се Борац Чачак, Динамик (Србија), Сикст Приморска и Рогашка (Словенија), Ловќен (Црна Гора), Сплит (Хрватска) и Зрињски (БиХ).
Сезоната почнува на 27 септември, а регуларниот дел завршува на 13 март. За разлика од минатиот шампионат во кој се играше фајналфор, победникот и патникот во елитата овој пат ќе биде одреден со плејоф во кој ќе влезат четирите најдобри екипи. Полуфиналето ќе се игра до две победи, а финалето до три триумфи.