Легендарниот тренер на Манчестер јунајтед сер Алекс Фергусон, кој во мај доживеа тежок мозочен удар и беше спасен благодарение на брзата интервенција на лекарите, се обрати на јавноста преку кратка видео порака.
Тој му се заблагодари на медицинскиот персонал во болницата каде му беше извршена операцијата на главата, но и на семјството, како и на навивачите на Јунајтед од целиот свет за нивната поддршка.
Фергусон најави дека наскоро ќе се појави на „Олд Трафорд“ и повторно ќе го гледа Манчестер јунајтед.
- Пораките кои ги добивав од целиот свет направија да се чувствувам смирено. Благодарам за поддршката што ми ја дадовте. Ќе се вратам на „Олд Трафорд“ подоцна во сезоната за да го гледам Јунајтед. Во меѓувреме им посакувам се најдобро на Мурињо и на играчите, наведе 76-годишниот фудбалски стручњак.
Фергусон беше опериран на петти мај, а последен пат во јавноста беше виден на 29 април кога на „Олд Трафорд“ на Арсен Венгер му даде трофеј во знак на внимание од Јунајтед.