Со пригодна свеченост општина Илинден го одбележа својот патронен празник - 2 Август. Нашата музичка легенда Влатко Стефановски беше специјален гостин на вечерта, а присутните уживаа во неговите изведби и ги пееја „Чукни во дрво“, „Као какао“ „Скопје“...
Како што информира општина Илинден, на свечена седница на Советот беше доделено нововостановеното признание „Клуч од општината“. Ова признание се доделува на правни и физички лица кои придонеле за побрз развој на општината во спроведувањето на нејзините планови и активности за овозможување подобри услови за живеење, подобрување на животниот стандард и квалитетот на животот на граѓаните на општина Илинден.
Добитници се Друштвото за меѓународен транспорт и шпедиција „Дени интернационал“ и Момчило Николовски, а признанието го додели градоначалникот на Илинден Жика Стојановски.
Како дел од централната манифестација од одбележувањето на Денот на општина Илинден, беше отворена изложба на уметникот-аматер Зоран Трпевски од општина Илинден. Изложбата ја отвори академскиот сликар Новица Трајковски, кој зборувајќи за авторот истакна дека иако е аматер со неговите дела може да застане рамо до рамо со членовите на Друштвото на ликовните уметници на Македонија.
И годинава се одржа традиционалниот Спортски викенд „Илинден 2018“, под мото „Ние навиваме за Македонија“ на кој учествуваа над 750 спортисти и крводарителска акција во која се вклучија 63 крводарители од општина Илинден.