Српскиот претседател Александар Вучиќ изрази надеж и верба дека Америка ќе го почитува суверенитетот, независноста и слободата на српскиот народ и државата, како што Србија ја цени слободата, силата и независноста на САД.
- Едните со другите исто да се почитуваме и Америка да ја почитува Србија како што Србија ја почитува Америка, изјави Вучиќ на отворањето на изложбата „Кралство Србија и САД“ по повод 100-годишнината од Денот на Србија во Вашингтон.
Тој истакна Србија мора да тежнее кон подобри односи со оваа велесила, додавајќи дека во последните 30 години односите меѓу Србија и САД биле тешки, без усогласување на важните прашања.
Тој рече дека Србија не очекува од САД ништо повеќе од она што може земјата согласно своите интереси да даде, како и дека Белград не може да даде повеќе од она што се нејзини интереси.
- Америка може да ни помогне така што би нè слушнала како рамноправен соговорник кој не се занемарува и не моли, туку аргументирано ги застапува своите интереси. Немаме причина да бараме повеќе, нагласи Вучиќ.
Како што истакна, она што Србија го сака е пријателство и партнерство, и заедно со САД во мир да „создава нов Никола Тесла и Михајло Пупин“.
- Размената на најдоброто е рецепт за понатамошните односи, изјави Вучиќ.