Грчкиот премиер Алексис Ципрас изјави дека презема политичка одговорност за катастрофалниот пожар во реонот на Атика, во кој животите ги загубија 87 лица, и повика истото да го сторат и министрите во неговата Влада.
- Го свикав денеска Министерскиот совет пред се затоа што сакам пред грчкиот народ, целосно да ја преземам политичката одговорност за трагедијата. Тоа е нешто што се подразбира за премиерот и за владата, изјави Ципрас во воведното обраќање на почетокот на вонредната владина седница што започна попладнево.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, Ципрас при тоа ги повика министрите за преземат одговорност „колку и тешка да е таа одлука“, нагласувајќи и дека неговата Влада никогаш не бега од одговорноста.
Грчкиот премиер истакна рече дека ова е тежок момент, „можеби најтешкиот во мандатот“ и додаде дека има измешани чувства.
- Имам и агонија, дали реагиравме правилно, дали реагиравме правилно во критичните часови, дали можеме да сториме нешто повеќе, дали можевме да спасиме барем еден живот повеќе од оние што неправедно заминаа, додаде Ципрас.
Тој при тоа застана во одбрана на припадниците на грчката полиција, на противпожарната и крајбрежната служба.
Грчкиот премиер рече дека е јасно оти станува збор за подметнати пожари, дека не знае кој стои зад нив и каква е целта и нема да се кријат зад теории на заговор за да најдат одговори, туку ќе работат на план за заштита во иднина.
- Индикациите што ги испитуваат надлежните органи водат до заклучокот дека зад смртоносните пожари имавме подметнувања. Должни сме, сега и веднаш да ја организираме на најдобар можен начин одбраната на државата и општеството за таков вид на криминални дела, рече Ципрас.
Претходно денеска, опозициската партија Нова демократија ја обвини Владата да се обидува да ја отфрли од себе одговорноста за пожарите.
- На вчерашната владина претстава за отфрлање на каква било одговорност, не се слушна ниту едно „извини“, изјави портпаролката на Нова демократија, Марија Спираки, додавајќи дека никој од инволвираните не бил сменет, а наместо тоа сите изјавувале дека се горди за тоа колку добро ја завршиле нивната работа „во моменти кога уште се броеја мртвите“.
Спираки побара од грчката Влада да одговори на седум прашања поврзани со превенцијата и справувањето со пожарите.
- Зошто не постоеле доволен број сили во зафатената област? Зошто граѓаните од населбата Мати не биле навремено евакуирани? Зошто не функционирал бројот 112? Зошто Владата не ги искористила медиумите за да ги предупреди граѓаните да ги напуштат нивните домови?, се дел од прашањата што ги поставува Нова демократија.
Спираки бара Владата да одговори врз основа на кој план биле спасувани луѓето што се нашле во море, но и „како е можно кога од 20.15 часот беше позната големината на катастрофата, на полноќ надлежните да го убедуваат премиерот во присуство на камери дека феноменот е во фаза на намалување, додека десетици луѓе веќе беа загинати“.
Според последните податоци во пожарите во реонот на Атика загинаа 87 лица.