Полицијата од северниот албански град Скадар соопшти дека уапсила девет лица, а по двајца се уште трага, кои се осомничени дека биле членови на организирана криминална што се занимавала со недозволена трговија на луѓе кон Велика Британија и САД.
Директорот на Полицискиот комесаријат од Скадар, Вехби Бушати на прес-конференција соопшти лицата се упасини во рамки на полициската акција „Жиранти“.
- Од сите истражни дејствија што беа направени, произлезе дека оваа добро организирана група извршила криминални активности во смисла на обезбедување помош за илегално преминување на границата во Велика Британија и САД. За тоа наплатувале од 8.000 до 12.000 евра по човек, изјави Бушати.
Според него, во акцијата е запленета и опрема за производство на фалсификувани италијански и грчки документи.
- Откако ќе „обезбеделе“ лица кои сакаат да заминат за САД или Велика Британија, за споменатиот износ на пари, тие им обезбедувале фалсификувани документи од земнји членки на ЕУ - италијанска или грчка лична карта, виза, дозвола за престој, студентски индекс или документ за фиктивен брак со бугарски државјани, наводно издаден од матична служба во Албанија, посочи првиот човек на полицијата од Скадар.
Патот по кој тие биле префрлани почнувал од Албанија, преку Италија и Малта до Велика Британија или преку Косово, Хрватска, Италија и Малта, до Велика Британија и САД.
Водач на групата бил Газменд Гарупи, додека останатите биле соработници кои обезбедувале фалсификувани документи, посредници или превозници. Поголемиот дел од уаспените се од Скадар, каде било и седиштето на групата.
Во акцијата се запленети и повеќе компјутери, скенери, печатачи, печати, пасоши, лични карти и други документи.
Ова е трета акција на албанската полиција годинава во која се разбиени вакви криминални групи. Претходните беа спроведени во Елбасан и Лежа.
Албанските граѓани од 2010 година патуваат без визи во земјите од ЕУ, но за влез во Велика Британија и САД им е потребна виза.