Трагично заврши случајот со двете близначки кои од понеделникот се водеа за исчезнати по катастрофалниот пожар во источниот дел на областа Атика во поширокиот дел на Атина.

Доцна синоќа, приватниот истражувач, ангажиран од семејството, Јоргос Цукалис потврди дека во Институтот за судска медицина биле идентификувани телата на деветгодишните Василики и Софиа Филипопулу.

На близначките и нивните баба и дедо им се изгуби секаква трага по пожарот. Се водеа како исчезнати.

Според грчката телевизија Скај, четирите јагленосани тела, на бабата, дедото и девојчињата, биле пронајдени прегрнати.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, вчера, во Институтот за судска медицина, по барање на вештаците, мајката на девојчињата и роднини однесоа облека и играчки од близначките за да се земе дополнителен генетски материјал.

Таткото на деветгодишните близначки, како што во средата објави МИА, преку грчките медиуми побара помош за пронаоѓање на неговите ќерки и тврдеше дека за неговите родители нема никаква информација, а сосема случајно на телевизија, во прилог за спасувачката акција по море, во еден од чамците ги видел неговите ќерки. Подоцна, се докажа дека девојчињата не се неговите Василики и Софиа, а невладината организација за заштита на правата на децата „Насмевката на детето“, во соработка со грчките власти објави missing alert со фотографии и податоци за девојчињата.

Фотографиите беа споделени на социјалните мрежи, доставени до сите медиуми, како што е пракса во вакви случаи, кога организацијата објавува податоци за исчезнати деца, а случајот со девојчињата беше една од главните теми во светските медиуми.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/07/2018 16:44