По триесет години од последната работна акција во Македонија, во главниот град деновиве се спроведува седумдневна работна акција „Скопје на нашите дланки 1963-2018“, во организација на Здружението на граѓани „Акцијаши“ од Скопје со поддршка на општина Гази Баба. Ацијата се организира по повод одбележувањето 55 години од катастрофалниот скопски земјотрес, кога бригадири од сите земји во рамки на поранешна Југославија веднаш дојдоа на работна акција за расчистување на разурнатото Скопје. Потоа почна да пристигнува помош и спасувачки екипи од целиот свет.
Во акцијата се вклучени околу 150 лица, најмладиот има 13 години, а најстариот 78 години. Учествуваат голем број на акцијаши од Македонија, Србија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Франција. Тие се сместени во студентскиот дом „Стив Наумов“. Акцијашите по земјотресот во 1963 година го имаат изградено токму овој студентски дом во една од работните акции за обнова на градот Скопје. Од 23 до 26 јули, во периодот од 8 до 12 часот се уредуваше просторот во студентскиот кампус и факултетите во општина Гази Баба.
Почетокот на работната акција на 22 јули го означи градоначалникот на општина Гази Баба Борис Георгиевски, кој е и претседател на Одборот на акцијашите. Тој упати благодарност до Македонски железници, кои заедно со своите колеги од железници Србија обезбедија воз со кои акцијашите од сите југословенски републики стигнаа во Скопје. Се заблагодари и на Државниот студентски дом – Скопје за сместувањето на акцијашите.
Георгиевски заедно со амбасадорките на Босна и Херцеговина и на Србија во Македонија, Лепа Бабиќ и Душанка Дивјак-Томиќ беа на терен и ги посетија акцијашите од нивните држави, кои се дел од оваа акција.
- Работната акција за средување на студентскиот кампус оди одлично. Резултатите од заедничката работа веќе се видливи. Оваа акција ја поздравија и двете амбасадорки со желба овие акции да продолжат во континуитет по примерот на Македонија. Покрај овој јубилеј, здружението „Акцијаши“ заедно со ДМР „Ударници“ ќе одбележат уште два големи јубилеја на доброволното младинско работно ангажирање. Едниот е 70 години од работната акција за изградба на браната и хидроцентралата „Вруток“ - „Маврово 48“, за кој централната манифестација се одржа во хидрицентралата Вруток на 27 јули од 13 часот. И другиот јубилеј, по повод 40 години од изградбата на автопатот „Братство и единство“, ќе се одбележи во сабота од 20 часот во Катланово, изјави Георгиевски.
Претседателот на Здружението на граѓани „Акцијаши“ од Скопје Горан Илиев изјави дека речиси една година ја подготвувале акцијата, а нивниот мотив бил да се вклучат повеќе младите.
- Целта е акцијашите заеднички да придонесат во расчистување на Скопје, а со тоа и младите да продолжат по стапките на возрасните. Акцијашите тргнаа од Белград со воз што го обезбедија Македонски железници и железници на Србија, со бесплатен превоз со два посебни вагони за бригадирите. Тие стигнаа во Скопје во неделата, ги пречекавме и на 22 јули вечерта имаше свечено отворање на работната акција. Секој ден стануваат во 6 часот, имаат утринска гимнастика, ги средуваат собите, како што беше некогаш на работните акците и следи нивно оценување, ни раскажа Илиев.
Тој ни појасни дека освен работните активности, што се одвиваат од осум до 12 часот, имаат организирано обуки за нивните активисти заедено со Црвениот крст, Дирекцијата за заштита и спасување, Територијалната противпожарната единица на Град Скопје. Во четвртокот акцијашите одржаа марш од домот „Стив Наумов“ до Музејот на Град Скопје, каде ги предадоа знамињата од бригадите кои учествувале во расчистувањето на Скопје во 1963 година.
Илиев информира дека по работниот дел и ручекот имаат разни работилници, за изработка на кукли, за техниката декупаж, билтени, ѕидни весници, имаат спортски активности, натпревари во шах, пикадо, фудбал, кошарка... Имаат културно-забавна програма со почеток од 20 часот, со македонски музичари, а вклучени се и нивни активисти кои пејат, глумат, свират, рецитираат...
- Учесниците се презадоволни. Многу ме радува задоволството на младината. Тоа беше и мотивот да ја покренеме оваа иницијатива. Сите се вклучуваат во акцијата доброволно порадни нивните креативни идеи што ги имаат, рече Илиев.
Вчера, по појадокот, имаше квиз со прашања од обуките што акцијашите ги слушаа и финални спортски натпревари. По ручекот беа запознати и со убавините на Скопје, разгледувајќи го градот со автобусите обезбедени од ЈСП „Скопје“. Акцијашите денеска заминуваат со возовите со кои дојдоа.
Со оваа работна акција Скопје како град на солидарноста, Здружението „Акцијаши“ и скопјани на симболичен начин изразија благодарност до целата светска јавност и до југословенските народи кои доброволно помогнаа од урнатините да се извлечат настраданите и да се обнови градот.
Магдалена Ристоманов