Лидерот на албанската опозициска Демократска партија, Љуљзим Баша, реагираше во врска со последниот извештај на американскиот Стејт департмент,во кој се констатира дека „Албанија е земја каде тешко се води бизнис“.
Баша оценува дека албанската економија умира како последица на „грабежите на премиерот Еди Рама и грст олигарси“.
- Албанската економија секојдневно умира како резултат на грабежот и уништувањето од страна на Еди Рама и неколку олигарси со кои тој дели стотици милиони. Сега веќе е јасно дека единствената цел и единствена мотивација на Еди Рама за власт е богатењето. Затоа, единствената економска политика што Рама ги водеше во овие пет години е грабеж. Крадење на даноците на граѓаните со давање концесии со сомнителни договори, кражба на богатството на земјата од нафта и руда, до земјиште на крајбрежјето и во центарот на Тирана, грабежот на странските инвеститори со цел да ги истера или да ги оддалечи од Албанија за да не им бидат конкуренција на олигарсите,- напиша Баша на социјалната мрежа фејсбук.
Според него, „американската влада е последователна институција која ја потврдува корумпираната и криминална политика на Рама“.
Посочува дека во извештајот на Стејт департментот за бизнис климата во светот, се истакнува дека Албанија не е соодветно место за амриканските бизниси поради корупција, недостаток на владеење на правото, корупцијата при јавните набавки и директните договори,како и недостиг на конкуренција.
- Извештајот има негативни оценки во секој аспект на бизнис климата и владеењето, но најсериозен факт е тоа што докажува дека на странските инвеститори Еди Рама ги уценува да соработуваат со неговите клиенти или на друг начин немаат можност да инвестираат. Се чини дека грабежот на Албанија и Албанците не беше доволен, па Еди Рама сака да ги ограби и Американците, Европејците и секој кој сака да води бизнис во Албанија, смета Баша.
Баша,констатира дека Албанија е единствената земја во светот која нема нови странски инвестиции во последните пет години и не се создадени нови работни места.