Српската министерка за евроинтеграции Јадранка Јоксимовиќ изјави за белградски „Новости“ дека Србија во преговорите со ЕУ до крајот на оваа година тешко дека ќе може да го отвори поглавјето 31 кое се однесува на надворешната, безбедоносната и одбрамбената политика.
Според весникот, причина за ова се должи поради односот меѓу Белград и Москва и блокадата од страна на Литванија.
Јоксимовиќ изјави дека „постапката за преговорите е таква што доколку до средината на тековната година не се усвои извештајот, тогаш е јасно дека тој тешко да може да се отвори до крајот на годината", додавајќи дека за извештајот за скринингот на ова поглавје се чека четири години.
"Поглавјето 31 обично не беше премногу тешко, но како што се комплицираа меѓународните односи и самите држави на ЕУ мораа да се усогласат за да постигнат консензус за некои прашања, со тоа се сменија и очекувањата на некои членки кон кандидатите за ЕУ", изјави Јоксимовиќ.
За блокадата на Литванија, Јоксимовиќ посочи дека "треба да се сфати дека при оценката на секое прашање од значење за надворешната и безбедносната политика, членките поаѓаат од сопствените национални интереси и со консензус го подигаат до ниво на заедничка политика на ЕУ. Од земјата кандидат се очекува до зачленувањето постепено да се усогласува со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ".
Таа укажа на фактот дека Србија е една од земјите во регион кои најповеќе придонесуваат за европската безбедност.
„Како држава која не е членка на ниедна военополитичка алијанса, имаме обврска и право да се грижиме за сопствената безбедност и за сопствените национални интереси. Српската надворешна политика е во координација со ваквата дефинирана политика за национална безбедносна, а рамката секако е процесот на европската интеграција, што е наш надворешно- политички приоритет ", посочи Јадранка Јоксимовиќ.