Со избор на четири нови идеи за снимање краток документарен филм заврши првиот дел од филмската работилница „Докуникулци 2018“, на која учествуваше втората генерација млади вљубеници во документарните филмови.

Работилницата се одржа како дел од патувачкото кино на „МакеДокс“ и фестивалот за процесирање култура „ДримОн“ во Струга.

Со гласање на учесниците, беа избрани идеите со работен наслов „Галебот Џонатан Ливингстон“ на Розе Симоновска, „Скопска ситуација 2018“ на Анастасија Павловска, „Прстот горе“ на Марија Матеска и „Лог аут“ на Рамона Кочишки.

Двете генерации учесници „докуникулци“, како што соопшти „МакеДокс“, имаа работни сесии на кои ги осознаа неопходните информации за снимање документарни филмови - од откривање на приказната и изборот на протагонистите до работа со камера, светло, звук, сценографија, монтажа, режија и продукција.

Во првата генерација „докуникулци“ учествуваа Давид Стојановски, Леа Димитрова, Јоана Арсовска, Давид Дамјаноски, Розе Симоновска и Леона Јариќ. Втората генерација, пак, ја сочинуваат Емилија Динева, Сара Илиевска, Александра Зографска, Анастасија Павловска, Искра Митиќ, Рамона Кочишки, како и младите од Струга - Марија Матеска, Даниел Шикоски и Вероника Секулоска.

Првиот дел на работилницата за креативен документарен филм „Докуникулци 2018“ се реализираше во партнерство со ДримОн, а со поддршка од НЕД (National Endowment for Democracy) и Агенцијата за филм на Република Македонија.

Двете генерации „докуникулци“ ќе бидат вклучени и во активностите на деветтото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, што ќе се одржи од 16-ти до 23 август во Куршумли ан во Скопје.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/07/2018 16:12