Изгорените автомобили, куќи, продавници, пеплосаните имоти што сведочат за трагедијата и катастрофалните пожари во околината на Атина, веќе една седмица се секојдневие за жителите на населбата Мати.

Дел од секојдневието е и „плацот на смртта“, земјениот плац, со изгорен објект, веројатно таверна, каде 26 лица не успеаа да се спасат и поделени во групи, прегрнати, трагично загинаа.

Како и во целата населба така и во конкретниот дел, владее тишина. Неколку букети цвеќиња оставени пред железната порта укажуваат на тоа дека местото има своја трагична приказна, а изгорените дрвја немо сведочат за трагедијата.

Идентификацијата на овие тела беше и најтешката задача за судските вештаци. Како што и самите соопштија, на едно тело биле пронајдени коскени остатоци кои им припаѓаат на три лица, веројатно починати во силна меѓусебна прегратка.

Меѓу јагленосаните тела беа и оние на двете деветгодишни близначки Василики и Софиа Филипопулу, за кои постоеше надеж дека се живи и по нив трагаше цела Грција, а кои сепак се најдоа на листата на загинати. Изгореа во прегратките на нивните баба и дедо.

„Плацот на смртта“, сега е затворен, заклучена е железната врата и не постои можност да се влезе.

Претпоставките се дека групата граѓани всушност се семејства кои со автомобилите тргнале од Мати кон Рафина, за да им побегнат на огнените јазици. Се создала голема колона на возила и целосен хаос, а уличката е толку тесна што нема можност автомобилот да сврти или рикверц да се врати назад. Во ваква безизлезна ситуација, решиле спасот да го побараат преку плацот за да стигнат до морето. Но, како да паднале во стапицата на смртта.

Пред портата дописничката на МИА сретна еден од мештаните, кој секојдневно поминува од конкретното место. Човек во години, се труди да ги задржи солзите, но не може. Не е расположен за разговор. Само дава кус коментар.

-Поради големиот чад, веројатно изгубија ориентација и не можеа да најдат излез, па изгореа живи, коментира тој за групата граѓани, во голем дел цели семејства, кои целосно биле во безизлезна ситуација, зад нив огнените јазици, пред нив провалија и ќор сокак.

Но, не е само конкретното место со ќор сокак, голем дел од тесните улички кои водат до морето се затворени бидејќи се дел од приватни имоти, дел од дворови на куќи и вили.

На една од тесните улички е и 83-годишниот Јоргос, со неговиот син. Сака да види како успеал да се спаси и тој и неговата сопруга. Имале среќа. Се нашле со мала група граѓани која ја предводело момче кое добро го знаело местото и и покрај чадот и малата видливост, низ тесните улички ги одвело до карпите покрај морето. По неколку часа со чамци и бродови биле спасени и пренесени во Рафина.

- Одам сега да го видам местото. Бев со мојата сопруга. Тргнавме со автомобилот, но во еден момент немаше излез, го оставивме и како луди трчавме. Како јас, на 83 години трчав, не ме прашувај, навистина не знам. Имаше премногу чад и не се гледаше ништо. Среќа момчето знаеше каде оди и не одведе до плажата. Во 1-2 часот по полноќ бевме во Рафина, објаснува Јоргос за МИА, додека низ уличките во Мати, заедно со неговиот син ја бара рутата која му го спаси животот.

Неговиот син коментира дека тешко ќе ја најде. Дописничката на МИА од Атина, тргнува со нив и навистина, тешко е да се пронајде уличка која води до плажата и тоа во нормални услови, во сончев ден, а не со чад и речиси никаква видливост, како што беше случај тој кобен понеделник.

Малата локална плажа која некогаш била една од најпосетените, а јавноста ја запозна по објавените фотографии на граѓани кои спасот го побараа токму таму сега е пуста и е претворена во пункт за помош со шатор од војската.

Целосно е изгорен еден од дрвените чадори за сонце поставени на самата плажа.

Очила, празен кафез за папагал, шминки, цвеќиња и писмо со порака се оставени на еден дел од плажата. Веројатно се лични предмети на некој од загинатите.

Од едната страна на плажата се гледа „плацот на смртта“ како што во Грција го нарекуваат делот каде што беа пронајдени 26 јагленосани тела. Од другата страна, целосно уништено, едно од најубавите кафулиња во Мати.

На местото каде што до минатата недела имаше таверна, сега е поставен шатор од грчката војска. Пункт за помош. Вода, сокови, колач и бисквити за појадок, топол оброк и салата за ручек за сите кои имаат потреба. Во шаторот има и средства за лична хигиена и средства за чистење. Ги донеле граѓани со мисла дека можеби на некој ќе му бидат потребни.

Волонтери и граѓански здруженија нудат помош во Мати и Кокино Лиманаки

Волонтери, граѓански здруженија, обични граѓани, се обидуваат секој на свој начин и во рамки на нивните можности да им помогнат на настраданите. Освен работници кои ги санираат штетите, на влезот од Мати е и мобилната полициска единица, со полициско комбе и неколку полицајци кои им помагаат на граѓаните кои во пожарот ги загубија нивните лични документи.

При посетата на Мати сретнавме и комбе – мобилна перална, што им помага на граѓаните. Со оглед на тоа дека населбата и понатаму е без електрична енергија и вода, собираат облека што ја перат и им ја враќаат на граѓаните.

Тројца Грци од работничкиот центар од Лаврио, одат од врата на врата и го закачуваат на бандерите листот со податоци и што нудат. Дојдени се да им помогнат на оние кои што имаат потреба.

- Најмногу ни бараат лекови, но и средства за чистење. Веќе доаѓаат во нашиот центар да земат што им е потребно, но доаѓаме и ние за да им донесеме. Но им нудиме и друг вид на помош, градежници, водоводџии, електричари за поправка и санирање на штетите на нивните домови, велат од работничкиот центар во разговор за МИА.

Главната точка за собирање хуманитарна помош е Рафина. Се наоѓа на оддалеченост од нешто помалку од четири километри од Мати и Кокино Лиманаки и е едно од трите пристаништа преку кои Атина се поврзува со островите.

Таму беа пренесувани спасените од катастрофалниот пожар. Со чамци и бродови, дали на рибари, дали на обични граѓани или од крајбрежната служба и воената поморница, беа спасени над 700 лица „заглавени“ на плажите и во морето.

Други, со автомобили, од тесните улички на Мати и Кокино Лиманаки се обиделе да стигнат до Рафина. Некои успеале. За некои, за жал, огнените јазици биле побрзи.

Од разговорите со мештаните, се извлекува заклучок дека граѓаните за да се спасат имале две опции. Или да најдат излез до морето, или со автомобил да стигнат до Рафина.

Се упативме кон Рафина, по истата рута што ја следеле и граѓаните, во обид да се спасат. Градот пулсира во ритамот на хуманоста, поголема од очекувањата...

Утре читајте за хуманоста на Грците. Хуманост што ги надмина очекувањата, за младите кои летниот распуст го поминуваат во спортска сала собирајќи хуманитарна помош, но и за животните кои беа пронајдени и спасени меѓу пеплосаните куќи во населбите зафатени од катастрофалните пожари.

Сања Ристовска

Фото МИА

(продолжува)



Автор: Администратор
Објавено на: 01/08/2018 11:39