Австрискиот канцелар Себастијан Курц во интервју за сараевскиот весник „Дневни аваз“ изјави дека се надева дека наскоро ќе има „понатамошен напредок“ во дијалогот помеѓу Белград и Приштина и оти ги поддржува двајцата претседатели.
На прашањето дали верува дека до крајот на годината би можел да биде постигнат договор помеѓу Белград и Приштина и дали Австрија би прифатила размена на територии, Курц одговори:
- Ние поддржуваме секаков договор, кој ќе резултира со посилна соработка помеѓу земјите од Западен Балкан и повеќе стабилност во регионот... Размена на територии тешко можам да замислам, бидејќи регионот нема да биде постабилен ако и по многу години по вооружениот конфликт се обидуваме да ги поместиме границите, посочи Курц.
Тој додаде дека Западен Балкан за Австрија не е само центар на актуелното претседателствување со Советот на Европска унија туку со години е и суштински дел од австриската и европската надворешна политика.
- Сакаме во овој, за нас важен регион да заземе активна улога и за време на претседавањето одлучно да се заложиме за напредок на перспективите на земјите од Западен Балкан поврзани со ЕУ, истакна Курц.
Тој потенцира дека Западен Балкан е помеѓу петте приоритети на Австрија за време на шестмесечното претседавање со ЕУ.