И годинава претставници на бројните македонски здруженија, на Националниот совет и на амбасадата во Белград, со полагање венци и цвеќе на бистата на Гоце Делчев во Јабука крај Панчево, го одбележаа Илинден.
На свечената културно-уметничка програма учествуваше детската театарска дружина „Видое Дојчиновски – Даскалот“ од Качарево, КУД „8 октомври“ од Крива Паланка и Радомир Андриќ, претседателот на Здружението на книжевниците во Србија.
Најголемиот македонски национален празник од вторник се чествува со пригодна програма во Вршац, во Ниш, денеска во Јабука-со манифестацијата Тавче гравче, како и во повеќето градови каде живее бројната македонска заедница.
„Македонско девојче“ и други македонски песни оддекнуваа и во центарот на Белград. Во организација на здружението „Македониум“ пред Куќата на Ѓуро Јакшиќ во Скадарлија, Илинден беше одбележан со концерт на пејачките групи на националниот ансамбл „Тоше Проески“, „Исток 10'' од Вршац и пејачката група „Македониум'' од Белград.
- Над 20 години, ние Македонците во СФР Југославија, СРЈугославија и сега во Република Србија со голема љубов го одбележуваме најголемиот македонски празник Илинден, во разни форми и на разни начини, вели Елисавета Стојановска Ивановиќ, претседател на Здружението „Македониум“ и долгогодишен новинар на МРТВ во Србија.
Стојановска Ивановиќ посочува дека Македонците кои живеат од Суботица па се до Врање, секоја година имаат по некое културно случување.
- Порано имаме голем концерт крај реката Сава, па уште еден покрај Дунав, а годинава се одличивме за Скадарлија, во срцето на Белград каде доаѓаат луѓе од цел свет, за на сите да им ја подариме македонската народна песна, да го почуствуваат македонскиот мелос и нашата топлина, изјави Стојановска Ивановиќ.
Според законските прописи кои ги регулираат празниците за малцинствата, 2 Август се признава како државен празник за македонското национално малцинство во Србија и е неработен ден за Македонците, со можност за негово одбележување.