Владата на Црна Гора одлучи да ги понуди црногорските аеродроми на концесија, а повик за сите заинтересирани наскоро ќе биде објавен на нејзината веб страница, соопшти министерот за транспорт Осман Нурковиќ.
Планот е дека аеродромите во Подгорица и Тиват да бидат дадени на концесија во траење од 25 до 30 години.
Нурковиќ за „Вијести“ изјави дека со тоа Владата сака подобро да го валоризира потенцијалот на аеродромите, бидејќи сегашната ситуација не ги задоволува потребите на земјата и нејзините граѓани.
Весникот наведува дека под концесија се најголем дел од аеродромите во регионот, од Љубљана, Загреб и Скопје, во текот на пролетта таков договор доби и аеродромот „Никола Тесла" во Белград.
На прашањето дали Владата планира да ги продаде аеродромите или да ги приватизира на кој било начин, како што во последно време најавува опозицијата, црногорскиот министер е категоричен: Не, во ниту еден случај.