Шефот на пратениката група на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), Авдулах Хоти ги оквалификува, како што ги нарече, „игрите со зборови“ на претседателот Хашим Тачи, за „размена на територии“ и „корекција на границите“, како мошне штетни за Косово на меѓународен план, јави дописникот на МИА од Приштина.
Хоти, во објава на Фејсбук, оцен дека таквите изјави на Тачи се несериозни, но дека го чинат Косово целосно стопирање на нови меѓународни признавања на независноста.
- Играта со зборови како „размена на територии“ и „корегирање на границите“ се безначајни, но ние ги плаќаме со целосно стопирање на новите признавања. Косово е признаено како независна држава во границите од 1989 година. Над 110 држави не имаат признаено во овие граници, напиша Хоти.
Тој го потсетува косовскиот претседател дека и Меѓунарондиот суд на правдата ги призна тие граници и врз основа на таа негова одлука Косово е признаено, меѓу другите, и од „најсилните и најдемократски држави во светот“.
Претставникот на најголемата парламентарна опозициска партија му порача на Тачи дека „никој нема право да се игра со волјата на народот на Косово, изразена со Декларацијата за независност од 17 февруари 2008 и со Уставот на Косово“.
- Самата идеја дека ова прашање може да се дискутира во дијалогот со Србија ја става вон функција сета косовска дипломатија. Денес на ниту една меѓународна средба или форум не се зборува за нови признавања на Косово, бидејќи институционалните лидери на Косово праќаат сигнали дека ќе ја преиспитаат територијалната целовитост на земјата. Ова е непростливо и ќе биде казнето од косовските граѓани, напиша шефот на ратеничката група и потпретседател на ЛДК, Авдулах Хоти.