Изгорени кафези за папагали, спасено куче по повеќе од три дена, куче што му се врати на семејството, миленичиња кои останаа без домови, се само дел од среќните и тажни приказни во кои протагонисти се животните, по катастрофалните пожари на 23 јули во источниот дел на областа Атика.

Кафези од папагали, едниот оставен на плажата заедно со други лични предмети, каде што стотици граѓани побараа спас од огнената стихија, другиот изгорен, оставен пред влез на дворот од куќа сведочат дека на речиси 10-ина дена по трагедијата во Мати, заедно со човечките жртви, изгореа и домашни миленичиња и животни.

На пустите улици во Мати, за кои пишуваше МИА во првиот дел од репортажата, не се сретнува ниту куче ниту маче. Ниту улични, ниту домашни миленичиња.

Преживеаните, благодарение на брзата интервенција на организации и волонтери, речиси истовремено додека траеше потрагата на спасувачките екипи по преживеани лица, но и по тела на загинати, идентична акција спроведоа и голем број друштва за заштита на животните со помош на волонтери.

Елена Деде од невладината организација за помош на здруженијата за заштита на животни „Dog’s voice“ во разговор со дописничката на МИА од Атина, која само неколку часа по пожарите, заедно со нејзините колеги, но и волонтери се најде во населбите зафатени од пожарот, вели дека се соочиле со многу тешка ситуација.

- Во првите моменти, сликата беше многу лоша. Имаше повредени животни, животни целосно изгорени, животни изгубени кои шокирано и панично трчаа, многу, многу мртви животни, диви животни, лисици, желки, срни, елени, но и кучиња и мачки. На почетокот беше многу тешка ситуацијата, раскажува Деде и објаснува дека со нивна помош, биле спасени над 200 животни.

Во акцијата, учествувал тим, кој заедно со волонтерите броел околу 100 лица, а искуството што веќе го имале со природни катастрофи, по поплавата во атинската населба Мандра, минатата година, помогнало за брза организација. Кога дознале дека избувнал пожар најпрво во западниот дел од областа Атика, веднаш реагирале. Деде од невладината организација, за МИА објаснува како течела нивната акција.

- Веднаш отворивме можност за згрижување, за да можат луѓето кои што сакаат да му помогнат на едно животно што има потреба, да нѐ контактираат и да знаеме дека стојат на располагање. Од понеделникот попладне кога го соопштивме ова, до вторникот сабајле имавме отворени 400 домови, за таму да ги носиме животните што ги наоѓавме. Вторник, среда и четврток волонтерите одеа на сите места зафатени од пожарот, наоѓаа животни на кои им требаше помош, ги носеа на ветеринар, за да добијат прва помош и потоа ако не постоеше конкретен сопственик што го знаеме, ги носевме на згрижување. Потоа почнаа да се појавуваат луѓе кои велеа ова е моето куче, и го враќавме назад, но постојат и животни што ќе останат без сопственици, нема да можат да се вдомат. Ние ќе ги чуваме, ќе се грижиме и ќе се обидеме да бидат вдомени во следните месеци, објаснува Елена Деде во разговор за МИА.

Паралелно со трогателните истории на преживеаните граѓани, во грчката јавност се појавија и исто толку трогателни приказни со животните.

Во десетината фотографии што меѓу првите беа објавени во медиумите и сведочеа за тоа низ што се поминале луѓето кои во обид да побегнат од огнените јазици се собраа на малата плажа во Мати и чекаа да бидат спасени, беше и онаа со куче кое спасот го нашло на карпа. Фотографијата стигна дури и до светските медиуми, а неколку дена подоцна сите се прашуваа што се случи со кучето. Успеа ли да се спаси? Им се врати ли на сопствениците? Одговорот и на двете прашања е позитивен. Луа, како што е нејзиното име, по акцијата на социјалните мрежи повторно е со нејзините сопственици.

Освен фотографијата со кучето Луа, во Грција, симбол на хуманоста стана и фотографијата со полицаецот, кој спаси папагали во кафез.

Друг случај е малото кутре кое исплашено и гладно, но живо, скриено во урнатините на изгорена куќа, беше пронајдено дури три дена по пожарите. Откако волонтерите и организациите го згрижија, нахранија и му ја дадоа потребната нега, сега најде нов дом и ново семејство.

Посебни реакции во Грција, предизвика и случајот со седумгодишниот германски овчар пронајден во изгорена куќа, во бесвесна состојба и со изгорени шепи. Првичните информации беа дека сопственикот не го сака назад, но од невладината организација „Dog’s voice“ известуваат дека на кучето му е потребна дополнителна помош и нега, а сопственикот, со оглед на тоа дека и тој е погоден од пожарите, бидејќи не може да му понуди соодветна грижа, решил да го даде за да биде вдомено. Германскиот овчар, веќе е со неговото семејство.

Елена Деде, од невладината „Dog’s voice“ во разговор за МИА ги споделува нејзините искуства и моментите што нема да ги заборави за време на спасувачката акција.

- Кога првите денови одевме во изгорените делови, луѓето чии што домови беа изгорени, ни аплаудираа бидејќи бевме дојдени за животните. Беа толку многу во очај со сѐ она што се случи, беа многу тажни и за шумата што изгоре, што е дом за животните, но и за животните што живи изгореа, а без тие самите да чуваат некое животно ни аплаудираа, затоа што прв пат имаше група што се занимаваше исклучиво со животните и тоа многу организирано. Исто така, нема да ги заборавам моментите, секогаш кога враќаме куче на неговото семејство. Тоа е момент со многу чувства, раскажува Деде.

Катастрофалниот пожар во Грција, кој поради силниот ветар со огромна брзина се прошири од планината кон населените места, како што пишуваше дописничката на МИА од Атина во репортажата од Мати, Кокино Лиманаки, Неос Вуѕас и Рафина, остави зад себе најмалку 90 жртви, илјадници уништени домови, стотици изгорени животни, пустош во погодените населби, но ја разбуди и хуманоста кај Грците.

Грција сѐ уште е во шок од националната трагедија, една од поголемите, а можеби и најголема во изминатите години, за неколку часа да се изгубат толку многу човечки животи.

Сања Ристевска



Автор: Администратор
Објавено на: 03/08/2018 12:05