Во Делчево синоќа премиерно беше прикажан краткометражниот филм „Коливо“ на Андреј Волкашин Илиевски, режисер по потекло од село Град, Делчевско, каде беа снимени поголем дел од сцените.

Главните актери во филмот Лабина Митевска и Јоана Поповска ја доловуваат приказната за мајка и ќерка кои имаат иста тајна, но никако неможат да ја споделат една со друга.

„Коливо“ е еден од првите македонски филмови снимени целосно на локален дијалект и за режисерот Илиевски, посебно беше чувството да се прикаже приказната пред делчевската публика.

- Возбуден сум. Ова е првиот филм што го снимав во Македонија, сега е првата промоција во родниот град и баш ми е некако интересно, среќен сум што гледам дека има луѓе дојдени да го видат филмот. Филмот е можеби првиот снимен на локален дијалект кој е приказна сама за себе и затоа следен ваков предизвик е снимање на нешто слично, но овој пат во Дојран. Филмот ќе биде различна приказна, но пак на некој начин ќе го отсликува нашиот менталитет, истакна Илиевски.

Освен во Делчево, „Коливо“ досега беше прикажан на неколку интернационални филмски фестивали каде има освоено и една прва награда.

- Интернационалната премиера на филмот беше во Хуеска, Шпанија на фестивал од „Б“ категорија кој е квалификациски за „Оскар“. За некој ден ќе има премиера во Канада, а потоа на 20 август во Љубљана во Словенија. Добивме прва награда на еден помал фестивал насловен ТОННЕИНС ИФФ во Франција така што сум среќен што филмот веќе патува, што се гледа и создава некоја публика, додаде Илиевски.

Краткометражниот филм „Коливо“ што е во продукција на ВЕДА ФИЛМ Продакшнс од Македонија и КОНЦЕПТ Студио од Бугарија, ќе биде дел и од 39 Браќа Манаки - Интернационален Фестивал на Филмска Камера во Битола.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/08/2018 11:23