Во знак на солидарност со семејствата на жртвите во пожарите, но и против „државата која има огромен дел од одговорноста за едно од најмасовните убиства во земјата“, членови на анархистичката група „Рубикон“, како што самите соопштија, доцна синоќа со бои го нападнаа објектот на Министерството за инфраструктура и транспорт на Грција.

Тие велат дека постојат низа причини да се нападне конкретното министерство, но тие како причина ги одбрале катастрофалните пожари од 23 јули.

- Ние решивме да го нападнеме (министерството) поради нивниот главен и најголем криминал во Грција, делумното учество во убиството на десетици (за жал бројот секојдневно се зголемува) наши сограѓани во Рафина, Мати и Кинета на крајот од јули. Сите се согласуваат дека ако постоеа неопходни инфраструктури за евакуација на областите и за справување со пожарите, катастрофата сигурно ќе беше помала, соопштуваат од анархистичката група.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, како и за сите напади во минатото, така и овој пат, членовите на „Рубикон“, објавија соопштение заедно со видео на анархистички сајт.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/08/2018 13:27