НАТО во Албанија ќе гради воздухопловна база за Западен Балкан, објави на неговиот профил на фејсбук премиерот Еди Рама.

„Северноатлантскиот совет ја одобри одлуката да се изгради во Албанија првата воздухопловна база во Западен Балкан. Со средства од Северноатлантската алијанса и во партнерство со Владата на Република Албанија, НАТО ќе инвестира над 50 милиони евра, само за првата фаза од проектот за модернизација на воздухопловната база во Кучово“, напиша Рама.

Тој додаде дека преку овој проект, кој се очекува да започне во текот на годинава, Кучово ќе служи како база за поддршка на НАТО за снабдување од воздух, логистичка поддршка, поддршка за воздухопловната полиција, како и обука и вежби на Алијансата.

„Кучово, исто така, ќе служи како национална база за албанските воздухопловни сили, а оваа стратешка инвестиција на НАТО во Албанија ќе донесе нов стандард на нашите вооружени сили. Несомнено, оваа голема инвестиција создава нови можности за економскиот и социјалниот развој на целиот регион каде што се планира да се изгради оваа нова воздухопловна база според последната технологија“, напиша Рама.

Тој посочи дека во тек се директни разговори со албанскиот стратешки партнер, САД, за понатамошна модернизација на албанските воздухопловни капацитети. Наскоро, како што најавува Рама, се очекуваат заеднички одлуки од овие разговори да одат на одобрување на американскиот конгрес.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/08/2018 15:25