Дојче Веле - Бон
Прекумерното истрчување на политичарите и медиумската хистерија поврзани со темата Косово достигнаа кулминација. Се поставува прашањето како всушност една тема, која не е приоритет на граѓаните доминира во програмите на политичарите и за што служи тоа.
Секој ден српските медиуми објавуваат по десетина „конечни решенија“ на темата Косово и исто толку деманти, како и по неколку вести од „проверени извори“ и исто толку корекции на тие „тврдења“.
Тоа ќе значи дека или решението е навистина близу или политичарите по вообичаениот начин се обидуваат проблемот со Косово да остане вечна тема за емоционално манипулирање со граѓаните и за расчистување на сметките со политичките противници.
Медиумската врева за многумина е доказ дека српските власти и неочекуваат Господ знае колку добро решение за Косово, што всушност го признава и самиот петседател на Србија, Александар Вучиќ. Дали целата оваа медиумска врева всушност се прави за да се подготви јавното мислење за еден таков развој на настаните?
Косово на шестото место
Од друга страна, граѓаните на Србија како да не се особено загрижени за проблемот со Косово на што укажуваат и анкетите на јавното мислење. Далеку пред Косово како главни проблеми - и свои, и српски, граѓаните ги посочуваат економијата, животниот стандард, здравствената заштита, судскиот систем, образованието, криминалот и корупцијата.
Како да се објасни разидувањето меѓу медиумската сфера и тоа што граѓаните го сметаат за клучен приоритет?
- Косово не е, така да се каже, тема од животно значење, но и власта и опозицијата ја прават тоа со стереотипот дека ако се изгуби Косово, се губи практично се. Сите знаат дека тоа е фраза, но никој не сака да признае. И самиот претседател Вучиќ нез нае што да прави со Косово: Од една страна вели дека треба да се договориме и не треба да оставиме замрзнат конфликт, а од друга страна медиумите под негова контрола тврдат дека Косово по секоја цена останува во Србија, изјави за Дојче Веле писателот Филип Давид.
Политичкиот аналитичар Милан Николиќ од своите анкети знае дека Косово е на петтото или шестото место на листата на приоритети на граѓаните. Тој меѓутоа предупредува дека тоа не треба да се меша со можноста за манипулирање со емоциите.
- Во овој момент кога во Косово не се случува ништо драматично граѓаните навистина мислат на работните места и животниот стандард. Но, тоа може многу брзо да се промени во случај на некакви драматични настани во Косово, некој нов погром над Србите или други инциденти. Во мирни услови Косово е на шестото место, но многу брзо може да дојде на прво, вели Николиќ за Дојче Веле.
И Вучиќ и опозицијата креваат врева
Зголемувањето на медиумската температура Николиќ го толкува како приближување кон конечното решение, што предизвикува нервоза кај властите.
- Тоа решение навистина би можело да му нанесе голема политичка штета на претседателот Вучиќ. Како што сега стојат работите, на Србија најверојатно и претстои разврска во која ќе загуби се и нема да добие ништо. Затоа тој ги користи медиумите што ги контролира за да крева врева дека тој се бори, но дека тоа е страшно тешко, дека нема разбирање итн.Тоа донекаде е точно, смета Николиќ.
Филип Давид, пак, ваквите појави ги гледа како најобична борба за задржување на власта или пак во случајот на поголемиот дел од опозицијата, за освојување на власта.
- Нормално би било опозицијата навистина да настојува на постигнување договор и наоѓање решение за Косово, но тие го говорат токму спротивното: не треба да се преговара, бидејќи тоа е предавство на Србија. Тука нема политичка волја да се реши проблемот а и кога ќе се реши нема да се случи ништо посебно. Многу пати сме слушнале, како при предавањето на Милошевиќ и Караџиќ (на Хашкиот трибунал) дека народот ќе се спротистави и ќе се побуни, но на крајот се собираа по стотина лица, потсетува Давид.
Опозицискиот Сојуз за Србија го постави Косово како приоритет високо на својата програма, обидувајќи се да го надмине Вучиќ. Додека партнерите со различна ориентација, од Демократската партија, преку Народната партија, па до Двери, не се согласија во своите 30 точки од програмата да ја вметнат подготвеноста за продолжувае на европскиот пат, тие јавно се противат на начинот на кој Вучиќ ги води преговорите со Приштина.
Нашите соговорници сметаат дека тоа е погрешен пристап и дека опозицијата не би требало да го користи Косово како клуч за уривање на Александар Вучиќ.
- Опозицијата можеби и ќе успее со таа тема да ја урне власта, но тогаш тој жежок компир ќе и остане неа. А ситуацијата во Србија нема да стане ништо подобра, вели Николиќ.
Бесмислен референдум?
Филип Давид оценува дека темата околу Косово им оди во прилог и на власта и на опозицијата.
Косово сега е главен проблем по кој опозицијата се разликува од Вучиќ, а всуштност сите тие се против признавањето на Косово. Ако ја загубат темата за Косово, што ќе им остане тогаш? Сите партии во основа се за подобрување на животниот стандард за борба против корупцијата итн. и затоа тој лажен патриотизам останува некаква минимална линија на разлика меѓу нив, вели Давид.
Медиумската машинерија под контрола на властите нема да има никакво влијание врз самиот проблем и врз светските центри што носат одлуки, посочува Милан Николиќ.
Тој не е сигурен дека тоа е разумен пристап на властите за подготовка на јавното мислење за евентуален референдум. Какво би било прашњето на тој референдум?
- Се знае што би донел референдумот. Околу 70 до 80 проценти би биле против независноста на Косово. И што потоа? Дали ќе им кажеме на нашите граѓани - добро, сега дајте ги вашите деца во Армијата и да ја повратиме одново контролата и чесно да гинеме? Тогаш граѓаните ќе кажат дека не сакаат. Е што сакате? Сакаме Косово да биде таму каде што беше и порано. Е тоа е невозможно, вели Николиќ.
Тој смета дека референдумот „не служи за ништо“ освен можеби да им помогне на властите да се скријат зад него и да го препуштат проблемот на некој друг