Македонското друштво „Илинден“ и огранокот за Голо Брдо го поздравуваат чекорот на албанските власти на формуларот за попис, што ќе биде спроведен во 2020 година да има графа за етничка и верска припадност на граѓаните.

Сепак, како што стои во соопштението, бараат изјаснувањето да биде задолжително, а не незадолжително.

- Од името на Македонците во Република Албанија, ја поздравуваме одлуката на Институтот за статистика (ИНСТАТ), во пописниот формулар да постои графа, во која граѓаните ќе се изјаснуваат за својата етничка и верска припадност, што се случува првпат. Но, не се согласуваме тоа да биде незадолжително. Ќе побараме од Институтот и за овие прашања одговорот да биде задолжителен, се наведува во соопштението.

Во таа насока планираат заедничка средба со претставници на политички партии и друштва на другите малцинства, на која ќе се договарат заедно да достават барање до ИНСТАТ, одговорот на споменатите прашања да биде задолжителен.

Инаку директорката на Институтот, Делина Ибрахимај, деновиве најави дека во 2010 година ќе биде спроведен попис на населението, домаќинствата и земјоделските стопанства, девет години по последната значајна статистичка операција.

Првпат во пописниот формулар ќе постои графа на која граѓаните ќе може да ја искажат, по своја волја, етничката и верска припадност.

Претходниот попис, спроведен во 2011 година поради непостоење графа за етничка и верска припадност, го бојкотираа припадниците на малцинствата, но попишувачите ги попишуваа врз основа на податоците од матичните служби на населеното место, што подразбира дека припадници на малцинства беа „попишани“ само во оние општини каде им се признава статус на малцинство.

За Македонците тоа значи дека ги има само во општина Пустец или нешто повеќе од четири илјади или според официјалните резултати од пописот 0,2 отсто од вкупната популација во Албанија.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/08/2018 03:45