Евентуална промена на границите на Косово би ја отворила Пандорината кутија на Западен Балкан, но и во други држави во светот, изјави професорот на Универзитетот „Џон Хопкинс“, Даниел Сервер гостувајќи на белградската регионална телевизија Н1.

- Менувањето на границите би довело до нестабилност во Македонија и во Босна и Херцеговина, но и во други држави во светот, на пример во Украина и во Грузија. САД и ЕУ имаат добар став за прашањето на промена на границите... за целовитост на државите и за неменување на границите, нагласи Сервер.

Според него, доколку Србија и Косово сакаат да бидат демократски држави и членки на ЕУ, нема причина зошто „малцинските заедници не би останале онаму каде што се - во постоечките граници“.

Коментирајќи ги изјавите на шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ дека новата Администрација во Вашингтон го менува ставот кон Србија и Косово, Сервер истакна дека нема промена во америакнскиот став и да САД ги слушаат и Белград и Приштина.

- Шпекулациите за евентуална поделба на Косово не привлекоа премногу внимание во Вашингтон, додаде Сервер.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, осврнувајќи се на настојувањата на Дачиќ одделни земји да го повлечат признавањето на Косово, Сервер вели дека тоа лошо се одразува врз српската политика и на добрата желба во дијалог.

- Доколку водите разговори со Приштина на едно рамноправно ниво, тогаш морате и да се однесувате рамноправно, порача Сервер.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/08/2018 01:20