Во Старата скопска чаршија на шести октомври годинава ќе се одржи првиот фестивал на светлосна уметност. За таа цел Конгресниот центар „Александар Македонски“ (Универзална сала) Скопје ги повикува сите заинтересирани да аплицираат на отворениот јавен повик кој ќе трае до 20 овој месец.

На фестивалот може да учествуваат автори од земјата и странство кои креираат во сферата на светлосната уметност, светлосните инсталации, видео арт технологијата како и уметници/автори кои го користат светлото како начин на визуелно и уметничко изразување.

Заинтересираните можат да аплицираат за делумна или целосна продукциско-финансиска поддршка, индивидуално или во партнерство со национални, јавни, приватни или независни институции и организации од областа на културата, науката и/или технологијата.

Во пријавата заинтересираните кандидати задожително треба да достават: наслов, детален опис, скици, концепт на предлог проектот, проект дизајн, програма со предлог финансиска конструкција, фотографии и/или видео од делата доколку биле претходно изложени, потребна опрема за реализација на делото, професионално портфолио и кратка биографија.

За добивање на финансиска поддршка, покрај пријавата, заинтересираните физички и правни лица треба да аплицираат со инвентивен уметничко-светлосен концепт, како и да имаат најмалку три реализирани проекти од областа на светлосната уметност или креативните индустрии.

Сите заинтересирани кандидати потребно е да ги пријават своите дела или концепти на официјалниот е-маил на фестивалот lightfestival@univerzalna.com.mk, во адресиран плик по пошта до Конгресен центар „Александар Македонски“ на адреса булевар „Партизански одреди“ 45 или лично во архивата на Конгресниот центар „Александар Македонски“.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/08/2018 13:19